Штипските екипи „Постолов Пандев“ и „Брегалница“ од генерацијата 2003-та и 2004-та, се победници на турнирот „Strumica Novembar Tournament 2015“, кој вчера и денеска се одржа на општинското игралиште со вештачка трева во Струмица.
На овој турнир, кој за прв пат го организираше Фудбалскиот клуб „Беласица“ од Струмица, учествуваа 12 екипи од државата. Второто место од генерацијата 2003-та, го освои екипата „Професионал“ од Скопје, третото „Плачковица“ од Радовиш, додека домаќините ФК „Беласица“ се најдоа на четвртото место.
Во генерацијата 2004-та, второто место го освои екипата на „Саса“ од Македонска Каменица“, трети „Постолов Пандев“ од Штип, а на четвртото место екипата на „Јанг Бојс“ од Неготино.
За најдобар стрелец од генерцијата 2003-та беше прогласен Марио Митев од „Постолов Пандев“, а од генерацијата 2004-та, Филип Николовски од „Саса“.
Наградата за најдобар играч му припадна на Ване Крстевски од генерацијата 2003-та на „Постолов Пандев“, а од генерацијата 2004-та на Матеј Ѓоргиев од „Брегалница“.
За најдобар голман на овој турнир од генерацијата 2003-та е прогласен Мите Трајков од „Беласица“, од генерацијата 2004-та, Јане Димовски од „Јанг Бојс“.
Лука Војнески од екипата на „Професионал“ од Скопје е прогласен за најталентиран играч.
Од ФК „Беласица“ најавуваат дека во јуни 2016-та ќе се одржи и меѓународен турнир во фудбал, на кој освен домашни екипи ќе учествуваат и екипи од странство, а финалните натпревари ќе се одржуваат во вечерните часови под рефлектори на стадионот „Младост“.